Во време на војна чекав бебе – Масимо Савиќ во интервју за Репортер зборуваше за својата животна приказна

Хрватски пејач Масимо Савиќ почина на 60 години од рак на белите дробови. Веста за неговата смрт ги изненади пријателите, но и публиката која скоро 40 години уживаше во безвременските хитови на популарниот странец во ноќта. Музичарот кој остави белег на сцената во поранешна Југославија, за време на војната, кога се распаѓаше земјата, се вљуби во Ени. Масимо, во ексклузивно интервју за „Репортер“ неодамна раскажа како љубовта им помогнала да го надминат тоа тешко време, но и зошто се повлече од музиката во 90-тите…

Некаде прочитав дека секогаш кога сте на сцената се чувствувате непријатно пред да почнете да пеете. И по толку години пеење, зарем чувствувате трема?

Масимо: Не знам дали тоа да го наречам трема, ама секако дека е некоја посебна возбуда. И да ја нема таа возбуда, не би се занимавал со музика. Секој настап е поврзаност со публиката, тоа е размена на емоции. И мора да знаете една работа, таа размена на емоции многу исцрпува, но е едно посебно искуство.

Скоро 30 години сте со вашата сопруга Ени. Кои мигови повторно би ги проживеале со неа?

Масимо: Знаете што, со мојата Ени секој миг е за памтење. Би делел со неа сè, и добро и лошо, само да сме заедно. Таа го промени мојот живот и засекогаш ќе ѝ бидам благодарен.

Како ѝ предложивте брак?

Беше тоа време на војна во поранешната Југославија и нашата љубов беше единственото нешто што нè држеше во тие мигови да издржиме и да го зачуваме разумот. Тогаш дознав дека Ени е бремена, дека ќе стаса нашето бебе Мирна и беше време нашата љубов да ја крунисаме со брак. Венчавањето некако падна во втор план, сите наши мисли, љубов и внимание ги свртевме кон бебето кое го носеше Ени.

Вашата сопруга е автор на многу ваши песни. Ѝ сугерирате што сакате или таа секогаш ја фаќа вистинската нишка за добра песна?

Масимо: Никогаш не ѝ се плеткав во песните. Таа само некогаш ќе дојде да ми каже што мисли, во смисла ‘мислам дека имам нешто што може да ти се допадне’. Ја нарекувам командос за текстовите.

На вашите концерти доаѓаат убави жени. Сте паднале ли некогаш во искушение?

Масимо: Кога ќе се загледам во првите редови на моите концерти навистина останувам зачуден колку убави жени ја слушаат мојата музика. И секогаш кажувам дека мојата публика е посебно. Ама искушенијата…Ма, не никако. На настапите максимално сум концентриран на музиката.

Далечната 1983 демоснимките на бендот Дориан Греј кружеа низ Загреб, излезе демоалбумот „Сјај во темнина“ и Масимо стана херој на новата сцена. Дали очекувавте успех?

Масимо: Ни тогаш ни сега не размислувам на музиката на тој начин. Причината за успехот е мојата музика. Секогаш сум се водел според чувствата. И досега тоа чувство не ме однесе во погрешна насока.

Во времето на војната целосно се повлековте. Зошто?

Масимо: Учев, растев, стареев, ја собирав животната географија на својата кожа. Преживеав, тоа се случи, имав среќа да ги живеам 80-тите, иако бев во Задар кога беше нападнат и гранатиран аеродромот. Имав едноставно среќа. Којзнае што ќе направеше Милан Младеновиќ ако преживееше. Кој знае што ќе направеше Rex Ilusivi да не изгореше спасувајќи ја својата музика.

Кога би го споредиле она време во поранешната држава и ова денес, кога е во прашање музиката, песните, што беше подобро?

Масимо: Јас сум последната генерација која живееше во времето на премин од аналогија на дигиталното. Некогаш работата во студио беше многу напорна, мораше да си резервираш одредено време, часови. И навистина мораше да работиш 10 часа на ден во студио, и така 20 дена по ред за да снимиш сè како што треба. Мораше да бидеш добар музичар. Ева на пример, за песна која трае 6 минути, ако некој заборави да стисне некое копче во 5. минута и 50. секунда, снимањето оди пак цело од почеток. Денес сè е дигитализирано, сега во студио завршуваш за 3-4 часа, а потоа одиш на одмор. Сè е поинаку.

Како изгледаше да се биде популарен во поранешна Југославија?

Масимо: Некогаш во мојата улица имаше само една фудбалска топка и сите ја игравме додека не се распадне. Денес децата во својот дом имаат сигурно по седум топки кои стојат така без врска. Мислам дека денешно време е попроблематично само поради премногу големиот избор што го имаат луѓето. А што се однесува до популарноста, тоа никогаш премногу не ме интересирало. Беше поинакво некогаш затоа што имаше работи кои не беа лесно достапни. Сега со интернетот и социјалните мрежи тоа го нема, но вака, пак, полесно е да комуницирате со публиката. Секое време си го носи своето.

Александра Георгиев

Scroll to Top