(Видео) По две децении, британското дуо „Евритинг бат д грл“ објави нова песна

Британското поп дуо „Евритинг бат д грл“, најпознато по светскиот хит „Мисинг“, објави нов сингл „Натинг лефт то луз“ како најава за нивниот нов музички албум „Фјус“.

Бендот претходно преку социјалните медиуми како новогодишна порака објавија дека 2022 година била голема година за нив, бидејќи повторно се обединија за да го снимат првиот албум по повеќе од две децении.

Пејачката Трејси Торн и мултиинструменталистот Бен Ват објавија десет албуми пред да се распаднат во 2000 година, од кои последниот беше „Темпераментал“ објавен во 1999 година. Најголемиот успех го постигнаа со ремиксот на песната „Мисинг“.

„Сакавме да се вратиме со современ звук. Ние не сме тука за да го следиме нашето минато, да правиме „бест оф“ турнеи или да настапуваме во арените. Само сакавме да создадеме парче што ќе звучи одлично сега, во 2023 година. Тоа беше нашата движечка сила“, изјавил Ват за музичкиот магазин NME.

 

Scroll to Top