Шест месеци откако почна да работи, вселенскиот телескоп Џејмс Веб ја откри својата прва егзопланета. Егзопланета или вонсончева планета е планета надвор од нашиот сончев систем која кружи околу некоја ѕвезда. Џејмс Веб отиде 41 светлосна година во космосот и потврди планета во соѕвездието Октанс, со пречник што е 90% од оној на Земјата. Планетата беше потврдена и наречена LHS 475 b.
Тимот од астрономи од Универзитетот Џон Хопкинс, предводени од Кевин Стивенсон и Џејкоб Лустиг-Јагер, забележале докази за постоење на егзопланета додека пребарувале низ податоците собрани од сателитот TESS на НАСА. Сепак, инструментот Near-Infrared Spectrograph на Џејмс Веб го потврди постоењето на планетата со набљудување на два транзита пред нејзината ѕвезда.
„Нема сомнеж дека се работи за планета. Беспрекорните податоци на Џејмс Веб го потврдија тоа“, вели Лустиг-Јагер во соопштението на НАСА.
Според вселенската агенција, меѓу телескопите кои работат денес, вклучувајќи ги и копнените и орбиталните, само Џејмс Веб има способност прецизно да ги карактеризира атмосферите на егзопланетите слични на Земјата. Истражувачкиот тим сè уште работи на утврдување каква атмосфера има карпестата планета и дали воопшто има таква. Постои шанса планетата да нема сопствена гасовита изолација, но сепак би можело да постои мала атмосфера во близина на нејзината површина. Температурата на површината на планетата се претпоставува дека е околу 300 степени, многу повисока отколку на Земјата.
„Атмосферата составена од 100 проценти јаглерод диоксид е толку компактна, што е многу тешко да се открие“, тврди Лустиг-Јагер.
Сепак, научниците се убедени дека планетата има атмосфера слична на онаа на месечината Титан на Сатурн.
„Постојат некои атмосфери од земски тип што можеме да ги исклучиме. Оваа планета не може да има густа атмосфера во која доминира метан“, додаде тој.
LHS 475 b ја комплетира орбитата околу својата ѕвезда за само два дена.