Бабата и дедото на Филип Талески наводно ja предизвикале тепачката на трибините во Полска

Навивачите на македонската репрезентација се степаа меѓу себе на полувремето на натпреварот Македонија – Аргентина, а тепачката, наводно, ја предизвикале бабата и дедото на Филип Талески. Тие прво се карале со неколку навивачи околу себе, по што почнала тепачка помеѓу помала група членови на Фалангата. „Репортер“ од Талески побара изјава за инцидентот, но репрезентативецот ни рече дека нема коментар.

Членови на Фалангата, кои сакаа да останат анонимни, за „Репортер“ потврдија дека неколку навивачи се степале на полувремето со боксови и клоци, но дека ситуацијата брзо се смирила.

„Редарите побараа дел од навивачите да си отидат од трибините пред да продолжи второто полувреме“, ни кажаа тие.

Ова е втор инцидент со Фалангата на Светското првенство во Полска. Пред неколку дена, дел од нив преку социјалните мрежи побараа да им се извини ексракометарот Ацо Јоновски, оти наводно ги навредувал по натпреварот со Холандија и сакал да се тепа со нив. Тогаш рекоа и дека Фалангата треба да ги бојкотира ракометарите и да не дојдат да навиваат на натпреварот против Аргентина.

За потсетување, Македонија ги изгуби трите натпревари на првенството во Полска и го оствари најслабиот резултат на едно Светско досега.

Фото: Ракометна федерација на Македонија

 

Scroll to Top