Мојот дом е таму каде што е МКЦ: Дина Јашари и публиката испратија силна порака на „Земјотрес“

Бело платно со слоганот „Видете нè колку нè има“ беше распослано од публиката во концертната сала на МКЦ додека настапуваше Дина Јашари. Со ова младите испратија порака дека Младинскиот културен центар дека МКЦ не треба да биде искористен во политички цели.

Вчеравечер, во МКЦ 11-ти пат се одржа музичкиот фестивал „Земјотрес“, кој има цел промоција на нова домашна независна музика.

Дина Јашари за време на својот настап стиховите од песната „Дома“ ги посвети на Младинскиот културен центар, па пееше „Мојот дом е таму каде што е МКЦ“.

На инстаграм-профилот посветен на МКЦ и борбата на младите уметници за заштита на оваа културна институција, која е единствена со поддршка на алтернативната уметност кај нас, напишаа: „Борбата е далеку од готова – вчера на ‘Земјотрес’ ја изразивме поддршката за МКЦ на наше тло. Ова е нашиот МКЦ и никому нема да му дозволиме да ни го одземе“, стои во објавата од фотографиите од „Земјотрес“.

Музичкиот фестивал „Земјотрес“ се одржа на три бини, на кои настапија повеќе од 20 музички имиња.

Помеѓу изведувачите на „Земјотрес“ беа Дина Јашари и другарите, Мирко Попов, Горан Кан, Бодан Јамакоски, „Фулиш грин“ и уште многу други современи и млади музичари.

Голем број граѓани пред повеќе од една недела излегоа пред Младинскиот културен центар да протестираат во одбрана на МКЦ. На собирот имаше голем број млади музичари, уметници и љубители на музиката, кои изразија незадоволство од начинот на кој се раководи со оваа институција.

Собирот го организира колективот на млади музичари „Гола планина“.

Фото: Инстаграм-профил „Сите за МКЦ“

 

Scroll to Top