Ивана Бојческа и Синиша Симјаноски, двајцата од Тетово, пред некој ден го привлекоа вниманието во јавноста кога направија несекојдневна свадбена фотосесија на жичница на Попова Шапка. Освен на жичницата, младенците се фотографираа во убавиот снежен амбиент блиску до ски-терените, а потоа Ивана во венчаница, а Синиша во елегантниот костум, со скиите се спуштаат по ски-патеката. И тоа беше вистинска атракција на Попова Шапка.
„Луѓето првин се чудеа, беа изненадени, но ја поздравија нашата идеја. Имаме позитивен фидбек. А нашите блиски секако беа воодушевени од идејата да направиме фотосесија на Шапка. И на крајот, неопходно беше да се спуштиме со скиите по терените онака дотерани како младенци бидејќи правевме и видеа“, ни открива Ивана (24) во разговорот за „Репортер“.
Во разговорот таа раскажа и како се решиле за ваква фотосесија: причината е нашето прво запознавање, кое се случи токму на Попова Шапка. Таму почна сè… нашата љубов. Исто така, Синиша ме побара за жена баш на снег. Тоа беше посебен ден за мене и се случи кога најмалку очекував и на место на кое баш би сакала да се случи тоа. Тоа е посебната куќичка ,,Армадиљо“, која се наоѓа на Копаоник, романтична, магична и преубаво дизајнирана. И тоа не беше класично барање за жена. Сè беше супер организирано и баш бев изненадена, дури и не очекував толку креативност од негова страна“, искрена е Ивана, која е програмер и има свој мал бизнис за уметнички дела во Тетово.
„Идејата за фотосесијата е моја и кога стана збор за свадба, првин што помислив е фотосесија на планина бидејќи тоа е местото што најмногу нè поврзува. Исто така, и двајцата сме добри скијачи, и тоа од мали, од 5-годишна возраст. Па, некако скијањето и на двајцата ни е опсесија, односно не можеме да замислиме да пројде зима, а да нема скијање. Сме биле во повеќе скијачки центри, но како најомилена дестинација би ја избрале Копаоник и, секако, домашните Попова Шапка и Маврово“, вели Ивана за „Репортер“.
Со Синиша, вработен во МВР, на 30 април ќе прават голема свадба. Дури и поканата е тотално откачена, па и гостите среде пролет ќе ги носат на бесплатно скијање. „Бесплатен ски-билет за целодневно скијање со Ивана и Синиша“.
За фотосесијата, Ивана сама си ја направила венчаницата, но за свадбата ќе шие кај својот сограѓанин, познатиот дизајнер Златко Јованоски, ЈЗЈ.
Александра Георгиев