Шведскиот пратеник Аднан Дибрани спаси бебе кое се давеше во реката Морача во Црна Гора, пренесе „Топ чанел“ во Тирана. Бебето чија баба се удавила во реката, било спасено од група граѓани. Кога го извадиле Дибрани кој случајно се нашол на местото, ја истиснал водата од белите дробови и го спасил.
Дибрани е пратеник во парламентот во Шведска, а во Црна Гора бил како дел од набљудувачката мисија на Парламентарното собрание на Советот на Европа што го следела на денот на претседателските избори. Рече дека се нашол случајно на улицата кога го видел бебето.
„Го зедов и се обидов да го направам тоа што во прв момент можев да се сетам. Го стиснав преку стомакот и грбот и ја исцедив водата од неговите бели дробови. Не знам што направив, не знам како, но детето беше спасено. Кога водата излезе ги отвори очите, а јас им го предадов на лицата од Брза помош. Кога ја видовме жената во водата не бевме свесни дали има бебе или кукла со неа“, рече Дибрани.
Додаде и дека бебето било старо само два месеци и дека му е жал за бабата.
„Можам да замислам само како се чувствуваат неговите родители, затоа што и самиот сум родител“, рече Дибрани, кој по потекло е од Косовска Митровица, а во Шведска имигрирал во 1992 година. Во шведскиот парламент е пратеник од редовите на социјалдемократите.