Изложба на Елизабета Костовска во пресрет на Велигден

Изложбата „Велигденско празнување“ на Елизабета Костовска, во вторникот беше отворена во галеријата Ко-Ра од страна на кураторот при Домот на културата ,,Кочо Рацин , историчар на уметноста Виолета Калиќ.

Ова е седма по ред самостојна изложба на Костовска. Изложбата беше посветена на чествувањето на големиот христијански празник Велигден, како и досегашните изложби кои биле посветени и се дел од најразлични празнувања, по најразлични поводи.


,,Низ сликарската визура на Елизабета Костова ни е презентирана една кревка суптилност, една поетика која провева во сите нејзини дела. Тие носат во себе непретенциозност, од сферата на интимизмот, едноставно како одтргнати од еден миг, кој воедно обединува и носталгичност, и меланхолија, и свеченоста на празнувањето, поетиката на исчекувањето, која тлее во секој од нас. Особено врзано за навраќањето на големите празници, кои будат и една особена трага, затоа што здружуваат традиција, она што е дел од културната историја, она што е дел од семејното, од личното, од интимното“, рече историчарката на уметност Виолета Калиќ.

Сликарството на Елизабета Костова е нежно, етерично, грацилно, како што е всушност и нејзината уметничка личност. Во нејзиното сликарство се среќаваат нежни, грациозни женски ликови, како што е и таа самата.

Во овие слики жената како мајка, како заштитничка на огништето, домот и семејството, го држи пред себе садот со велигденските јајца, како симбол на животот, на зародишот, на изворот на животот, што е воедно и самата.

Scroll to Top