Еден од најголемите холивудски актери на сите времиња, Ал Пачино, повеќе од 60 години го носи епитетот заводник. Жените го обожаваа, мажите му завидуваа. Доби три деца од две жени, но никогаш не се ожени и покрај големата љубовна приказна со актерката Дијана Китон.
Како тинејџер беше доста проблематичен. Пушеше марихуана и пиеше алкохол, но никогаш не посегна по тешки дроги. На 17 години го напушти средното училиште, па мајка му го исфрли на улица. За да заработи за живот, работеше привремено како чувар, возач на автобус, поштар. Ги вложи сите пари што ги заработи во курс по глума. Неговиот ментор, кој подоцна му стана и пријател, беше познатиот Ли Страсберг, кој го поддржуваше контроверзниот метод дека актерот мора да му ги пренесе сопствените чувства на ликот за да биде што е можно поубедлив.
„Актерот станува емоционален спортист. Процесот е болен бидејќи мојот приватен живот страда”, вели Пачино.
Кон крајот на шеесеттите години од минатиот век Пачино ја доби својата прва улога во Чарлс Плејхаус во Бостон. Но, замина во Њујорк и почна да работи на Бродвеј, каде што доби две награди „Тони“ за улогите во претставите „Дали тигарот носи вратоврска“ (1969) и „Основната обука на Павло Хумел“ (1970). По нив, следуваа едни од неговите најголеми филмски улоги: „Лице со лузна“, „Кум“, „Застапникот на ѓаволот“, „Серпико“ и „Мирисот на жената“ – за која освои „Оскар“.
„Никогаш не ме интересираше да бидам богат и славен. Единствено за што навистина се грижев беше глумата. Дојдов од Бронкс, а по славата, ме фати страв. По ‘Кум’, не знаев што ми се случи, веќе не знам кој бев, жените спиеја пред мојата врата…“, вели познатиот актер за францускиот магазин Paris Match за улогата во култното достигнување „Кум“.
На снимањето на „Кум“ ја запозна актерката Дијана Китон, со која беше во врска неколку години, но со неколку прекини.
„За мене, сите три дела од ‘Кум’ се важни само поради Ал. Никогаш нема да заборавам две работи: периката тешка 5 килограми што морав да ја носам како Кеј и мојата прва средба со Ал во барот ‘О’Нилс’ до центарот ‘Линколн’. Првото што го забележав беше неговиот нос, голем како краставица, а второто беа неговите енергични движења. За него велеа дека е идната голема sвезда на Бродвеј. За мене, тој беше и останува еден од најзабавните мажи што сум ги сретнала. И еден од најубавите. Ворен Бити беше прекрасен, но Ал има лице за кое вреди да се убие“, рече Китон, која ја гумеше неговата сопруга.
Нивната врска засекогаш прекина кога Китон му постави ултиматум – или ќе се венчаат или ќе раскинат. Пачино го избра второто. И денес Китон зборува за него сè најдобро, а вели дека ѝ биле потребни години да го преболи.
Пачино никогаш не се ожени иако има три деца: Џули Мери (27) со професорката по глума, и близанците Антон Џејмс и Оливија Роуз (15) со актерката Биверли Данџело. Лани тој раскина со израелската актерка Метал Доан (40), со која беше две години во врска.
„Тешко е да се биде со толку стар човек, па дури и кога се работи за Ал Пачино. Разликата во годините е преголема. Се обидов да го игнорирам тоа, но, да бидам искрена, тој е еден старец. И со сета моја љубов за него, не успеавме“, се огласи Доан по прекинот на врската.