Американскиот глумец Џони Деп, потпиша договор со француската модна куќа „Диор“, во вредност од рекордни 20 милиони долари за рекламирање парфем за мажи. Ѕвездата од филмот „Пирати од карибите“, наводно го потпишал највредниот договор досега за рекламирање на машки парфем.
Извор за американскиот магазин Variety, потврди дека „Диор“ потпишал со Деп тригодишен договор, а вредноста на истиот се проценува на 20 милиони долари. Деп е новото лице на парфемот на „Диор“, Sauvage, кој првпат на пазарот се појави во 2015 година.
Бернард Арнаулт, шефот на матичната компанија на Диор LVMH, рече дека Деп е еден од главните причини зошто Sauvage постигна значителен успех. За време на контроверзната правна борба против бивша сопруга Амбер Херд, компаниите „Дизни“ и „Варнер Брос“, ја прекинаа соработката со него.
Но, LVMH продолжи да соработува со Деп, а рекламите и огласите за популарниот машки парфем и понатаму се појавуваа за време на судската постапка, која јавноста ја проследи со голем интерес.
Деп успешно го заврши судскиот спор против Херд за клеветите кои глумицата ги објави во весникот „Вашингтон Пост“ во 2018 година.
Иако Херд не го имаше споменато името на Деп во текстот, таа претходно го имаше обвинето за семејно насилство. Деп во тужбата наведе дека нејзините обвинувања го чинеле милиони долари поради изгубените деловни договори постигнати во Холивуд.
Поротата во американската сојузна држава Вирџинија, одлучи Деп да добие отштета од 10 милиони долари. Два милиони доби Херд во противтужбата. За потсетување, двојката се ожени во 2015 година, откако се запознаа на снимањето на филмот The Rum Diary. Херд следната година побара развод.
По разделбата, двајцата се соочија со низа парници и тужби, кои Деп ги изгуби против британските таблоиди заради клеветите кои ги објавија дека ја малтретирал сопругата.
Минатиот август, тој беше на „МТВ музичките награди“ со тоа што неговото лице беше поставено на астронаут кој лебдеше над публиката. Како специјален гостин се појави и на Savage X Fenty, ревијата на пејачката Ријана, во ноември.
„Jeanne du Barry“, првиот филм на Деп по правната битка со Херд, ќе биде премиерно прикажан на Канскиот филмски фестивал во вторник, на 16 мај.