Американскиот глумец Мајкл Даглас (78) ја доби почесната „Златна палма“ на отворањето на 76. издание на Филмскиот фестивал во Кан. Претставувајќи го Даглас, неговата колешка, глумицата Ума Турман го опиша како „еден и единствен – и како продуцент, и како легендарна филмска ѕвезда“.Ова ми значи многу, бидејќи има толку многу фестивали ширум светот, но има само еден Кан“, рече Даглас. Тој коментираше дека е „постар од фестивалот“ и се осврна на својата кариера и кариерата на неговите соработници во филмската индустрија. Тој на настанот дојде со својата сопруга Кетрин Зета-Џонс.
За време на свеченото отворање на Фестивалот, Кјара Мастројани рече: „ Смислата на овој Фестивал беше и останува да ја евоцира нашата слобода, но и да ја изразиме силата и кревкоста на нашето постоење. Таа како водителка го поздрави жирито, предводено од Рубен Остлунд.
Настанот го отвори филмот „Жан ду Бери“ драма сместена во 18. век, на француската режисерка Мајвен, за кралот Луј Петнаесетти кој се вљубил во проститутката Мари-Жан Бека. Џони Деп ги глуми монархот, а Мајвен – Бека.
Фестивалот на француската ривиера, ќе трае до 27 мај, и вклучува мноштво први прикажувања, вклучувајќи ги новиот „Индијана Џонс“ филм денеска, што ќе биде петтиот дел од серијалот и последен во којшто ќе глуми Харисон Форд. В сабота ќе биде прикажан најновиот филм на Мартин Скорсезе – „Убијците на цветната месечина“ со Леонардо ди Каприо и Роберт де Ниро во главните улоги. Истиот ден ќе биде прикажан и филмот во кој играат Натали Портман и Џулијан Мур- „Мај, декември“. Меѓу режисерите има седум жени – најмногу досега, а во списокот номинирани се уште неколку досегашни лауреати – двократниот победник од Велика Британија, Кен Лоуч, како Јапонецот Хироказу Коре-едо и Германецот Вим Вендерс.