Членовите на ирската рок-група „Ју ту“, Боно Вокс и Д Еџ се појавија на свеченото отворање на 29. издание на Сараевскиот филмски фестивал.
Фестивалот беше отворен со документарецот„Пољубите будучност“, во режија на Ненад Чичин-Шаин, кој е инспириран од „Ју ту“ и нивната значајна улога за воено и повоено Сараево и неговите жители.
„Имам босански пасош и тоа ми е најголема чест. Ние дојдовме овде како туристи, ова е прекрасна земја и луѓе, прекрасен град, ние сме тука туристи и имаме многу пријатели. Ова не е наш филм. Ние сме тука како љубители на филмот. Мислам дека нашиот удел во филмот е преголем во споредба со нашите улоги што ги имавме тогаш. Мислам дека нашата улога е мала во сето ова во споредба со сите оние што ги славиме овде, а кои се херои. Тоа што го направивме е мала работа, но од друга страна, за нас е огромно“, изјави Боно за Радиотелевизија Босна и Херцеговина.
Врската на Боно со Сараево и Сараевскиот филмски фестивал трае веќе неколку децении. По посетата на Фестивалот во 2000 и 2021 година, тој често доаѓа во Сараево како поддршка на фестивалот.
Годинашниот Сараевски филмски фестивал ќе трае до 18 август, а во трка за почесната награда „Срце на Сараево“ се 49 филмови.