Македонскиот филм, „Те дуа, жими мене“, доби престижна награда на „Tirana European Youth Film Festival 2023“. Филмот беше едногласно одбран како најдобар од девет филмови во официјалната интернационална програма, соопштија денеска од „Емперор продукција“.
Станува збор за интернационален филмски фестивал што се залага за афирмација и презентација на европските филмови. „Те дуа, жими мене“, се најде во конкуренција со филмови од Шпанија, Полска, Италија, Косово, Франција, Финска и од Албанија.
Станува збор за комедија на режисерот Марјан Гавриловски. Сценариото е на Никола Кузелов. Премиерата ќе биде во Скопје на 22 септември во „Синеплекс“, по што ќе се емитува на редовен репертоар.
„Приказната следи квази фраер, коцкар и армоникаш, кои трудејќи се да ја вратат назад купената жена од Албанија, стануваат дел од мафијашка зделка и мораат да се справат со низа на несекојдневни ликови. Во филмот се појавуваат низа истакнати актерски имиња, како Игор Џамбазов, Тони Михајловски, Владо Јовановски, Сенко Велинов, Мими Таневска, а главните ликови ги играат Никола Кузелов, Атанас Атанасовски, Валентин Видовиќ и Ангела Стојановска“, рекоа од „Емперор продукција“.