Тејлор Свифт е големата победничка на музичките „Ем-ти-ви награди“ (MTV Video Music Awards) за 2023 година бидејќи нејзината песна „Anti-Hero“ доминираше вечерта. Свифт освои 9 награди од 11 номинации, вклучувајќи ги и главната награда за видеоспот на годината, за најдобра песна, визуелни ефекти и најдобра поп-песна на годината.
– Ова е неверојатно. Фактот дека за оваа награда гласаат гледачите ми значи многу – изјави таа.
Свифт ја доби и наградата за албум на годината („Midnights“), како и за најдобар уметник, на доделувањето во „Пруденшл центарот“ во Њуарк, Њу Џерси, САД.
Водителка на емисијата беше Ники Минаж, која исто така настапи и победи во категоријата најдобра хип-хоп изведба за хитот „Super Freaky Girl“.
Лил Вејн го отвори шоуто, додека други изведувачи беа Оливија Родриго, Карди Би и Меган Ти Сталион. Се прославија и 50 години хип-хоп со крајната изведба во која беа вклучени Ники Минаж, Ел-ел Кул Џеј, „Ран-Д.М.Ц.“ и „Грендмастер Флеш енд д Фјуриус фајв“ кои ја изведоа „The Message“.
Раперот Диди ја подигна наградата за „светска икона“ која му ја врачи неговата ќерка Ченс Комбс и Мери Џеј Блајџ и изведе избор од неговите најголеми хитови.