Наддавањето го организираше аукциската куќа „Бонамс“ во Лондон, по повод 50-годишнината од првата улога на Мур во филмовите за Џејмс Бонд. На аукцијата беа вклучени часовници, вечерни костуми, чевли, свилени вратоврски, колекционерски постери – вкупно 180 понуди. Сѐ тоа го обезбеди семејството на Роџер Мур, објави аукциската куќа.
Дел од паричните средства од наддавањата ќе одат во Детскиот фонд на Обединетите нации – УНИЦЕФ, чиј амбасадор на добра волја Роџер Мур стана во 1991 година.
Морнарско сино кашмир-палто што глумецот го носел во првиот свој „Бонд“ филм – „Живеј и остави ги другите да умрат“ (Live and let Die) од 1973 година, има нов сопственик за 23.000 долари, а неговата јакна од „Шпионот што ме сакаше“ (The Spy Who Loved Me) (1977) – за 27.800 долари. Вечерниот костум со двојна заштитна преграда направен за филмот „Поглед за убиство“ (A View to a Kill) (1985), е продаден за 30.100 долари. По цени меѓу 500 и 17.000 долари се купени голем број колекционерски постери со автограм на Мур.
Британскиот актер ја глумеше улогата на Џејмс Бонд во седум филма меѓу 1973. и 1985 година. За многу критичари, тој е најдобриот „агент 007“.
„Роџер Мур е навистина еден од водечките глумци на својата генерација, тој е вистинска легенда“, се вели во описот на „Бонамс“.
Освен како „007“, се појави и во голем број други филмови и ТВ-серии. Подоцна се вклучи и во добротворни потфати, помагајќи му на УНИЦЕФ во собирањето средства за земјите во развој, за проекти за масовна вакцинација на децата, борба против ХИВ-СИДА, заштита на деца од воени подрачја итн. Во 2003 година, за неговите заслуги, Велика Британија го прогласи за витез.