Маестралната Александра Радовиќ на 6-ти април доаѓа во Скопје, каде што ќе одржи ексклузивен концерт во незаменливиот амбиент на „Македонска филхармонија“.
Александра Радовиќ спомените од различните животни, емотивни, професионални успеси и порази ги претвора во песна. Никогаш иста, но секогаш емотивна до срж, иако можеби не изгледа така. Има карактеристична боја на гласот и интерпретација преку која потполно разбирате што чувствува. Од моментот кога се појави на музичката сцена, помина низ различни фази, но музиката секогаш беше нејзин печат и музика на искуство.
Покрај огромниот успех и 20 години долга кариера, таа и понатаму одбива да зборува за себе. Пред очите на јавноста пласираше само онолку колку што е потребно, а во нејзино име, богато зборува само нејзината музика. Тоа, сепак, не значи дека нема да открие како нејзината „кариера е утешна награда“, како нејзината ќерка е „оаза на спокојството и љубовта“ и како „Бивши драги“ е една од нејзините омилени автобиографски песни.
Себеси се опишува како човек со премногу маани, но и како уметник кој заедно со мал број на колеги и понатаму се бори за квалитетна поп музика, а денес, после 20 години успешна кариера, знае и најголемата болка да ја испее со насмевка, бидејќи успеа да се ослободи од стравот и знае дека создаде нешто што ќе остане. Во тоа е нејзината зрелост и искуство. Го оправда својот пат и не дозволува секој да влезе во нејзиниот свет, а кога ќе ги слушнете нејзините песни, ќе дознаете се за неа, треба само добро да слушате.
А внимантелно и со огромно задоволство ќе ги слушаме нејзините хитови на 6-ти април во „Македонска филхармонија“.
Нејзиниот сензибилитет и емотивните интерпретации ја направија една од уметниците чии изведби се музички настан кој не се пропушта.
Покрај нејзините најголеми хитови „Чувам те“, „Бивши драги“, „Живео крај“, Александра ќе изведе и неколку нови песни, кои сигурно ќе го најдат своето место во вашите срца.