Новиот роман на Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, е добитник на годинешната награда „Роман на годината“.
Романот е во издание на „Три“ и уште по своето објавување, ја освои читателската публика. Жири-комисијата, составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева, одлучи токму романот на Димковска да се закити со една од најпрестижните и несомнено најпосакувани признанија во домашната книжевност.
„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, од кои „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година.
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.
За издавачкиот центар „Три“ ова е петта награда „Роман на годината“. Лидија Димковска се придружи на низата квалитетни автори, кои во издание на „Три“ претходно го добиле ова признание – Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012).
Критиката веќе се огласи за многузначноста и значајноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме второто издание на романот.
Лидија Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, од кои ги издвојуваме – двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“. Токму затоа таа сосем заслужено е една од најпреведуваните домашни авторки.
Текстот „Единствен матичен број“ на Лидија Димковска прогласен за роман на годината е превземен од МАКФАКС.