Вера Милошевска од „Љубојна“ ќе ја промовира својата прва книга

В сабота, на 28 декември, ќе биде промовирана првата книга на Вера Милошевска-Јосифовска – препознатливиот вокал на групата „Љубојна“.

Книгата „Македонскиот вокален мелос во современиот контекст – Оживување на една заборавена музика“, којашто е во издание на „Флипбук букс“, ќе биде претставена во кафе барот Филхармонија во 19.30 часот.

Книгата е повеќеслојна и е плод на долгогодишно истражување во областа на музиката, пред сè на македонскиот вокален мелос, односно македонската пејачка традиција, и зборува за нејзината суштина, значење и применливост во различни контексти на денешницата.

Интересна е всушност апликативната улога на авторката, бидејќи истовремено ни се обраќа како етнолог, антрополог и музиколог, но и како пејач кој своите истражувања преку сцената, ги втиснува длабоко во срцата на публиката.
Книгата изобилува со интересни гледишта во однос на нејзината поврзаност со културните појави некогаш и денес, и при тоа дава коментар на тоа, дека музиката е неприкосновен идентитетски маркер.

Дел од книгата зборува и за музичкиот бран кој го разбуди “Љубојна” и нејзината улога во оживувањето на оваа, своевремено маргинализирана, музика, станувајќи моќно јадро кое ја анимира јавноста.

Заедно со актуелни музичари и млади пејачки грла од класата на м-р Милошевска-Јосифовска, со музичка сесија во живо и изведба на различни вокални стилови од пејачката традиција на Македонија, ќе биде презентирано сè што не сте знаеле (а ве интересира) за нашиот безвременски македонски мелос и ќе продолжи во предновогодишна концертна забава со “Љубојна”.

Промотер на настанот е проф. д-р Илина Јакимовска, а свој осврт ќе даде и проф. д-р Велика Стојкова Серафимовска.

Текстот Вера Милошевска од „Љубојна“ ќе ја промовира својата прва книга е превземен од МАКФАКС.

Scroll to Top