Покрај дрвото, каменот, тулите, челикот, во групата на конструктивни градежни материјали спаѓа и бетонот. Поради неговите карактеристики, бетонот се повеќе се користи и во внатрешноста и надворешноста. При уредување на надворешните површини се поставува прашањето дали да се одлучите за класично бетонирање или поплочување? Во продолжение го даваме одговорот на ова прашање.
Бетонот е најраспространетиот вештачки градежен материјал во светот. Интересен е фактот дека бетонот во градежништвото се користи двојно повеќе од сите други градежни материјали заедно. Ова не е изненадувачки со оглед на неговите карактеристики: водоотпорност, отпорност на мраз и сол, отпорност на абење, цврстина под напнатост и притисок…
Бетонот се состои од мешавина од агрегати (главно чакал и песок) кои зафаќаат 70-80% од смесата, врзувачки материјал (како цемент) кој има учество од 10-20%, и вода која го овозможува процесот на врзување на цементот и стврднување. Водата има учество од 5-10%. Во бетонот се додаваат различни адитиви во течна или прашкаста форма, кои имаат за цел да ги подобрат неговите својства.
Употреба на бетон
Бетонот има широк спектар на примени: се користи во изградба на станбени и други згради, патишта, мостови, темели… Благодарение на развојот на новите технологии, кои го подобрија начинот на производство на бетонот, денес тој има не само функционални, туку и естетски предности. Може да биде во различни бои, да биде печатен со различни дезени,
да има сјајна или мат површина, па дури и да имитира други, многу поскапи материјали, како мермер или травертин.
Употребата на бетон во внатрешноста е особено популарна во индустрискиот стил. Подовите и ѕидовите се направени од бетон, а бидејќи е отпорен на вода и нечистотија, бетонот е одличен избор за влажни простории како бањи и кујни. Добар избор е и за работни површини во кујната поради неговата пристапна цена во однос на другите материјали кои се користат за оваа намена. На пример, цената по должен метар (широчина 60 цм) на хромиран пулт е околу 200 евра, на керок 190 евра, а цената на бетонска работна плоча е околу 40 евра/м2.
Посебно добар избор е во комбинација со црна кујна, а одлично ќе се вклопи и со пастелно розова нијанса.
Бетонот е еден од најкористените материјали за уредување на отворени површини. Со бетонирање се уредуваат дворови, патеки, а се изработува и бетонска галантерија. Бетонот е материјалот што најмногу се користи во изградбата на базени. Бетонските базени се издржливи и долготрајни.
Бетонирање или поплочување?
Подолу ќе ги споредиме доброто, старото бетонирање и поплочување со еден од најпопуларните материјали што се користат за оваа намена – бекатон плочи. Бекатон плочите исто така се направени од бетонска мешавина, но тие се користат на поинаков начин.
Кога станува збор за уредување на дворните површини, односно површини наменети не само за пешаци, туку и за возила, едно од најчестите решенија е бетонирањето. Меѓутоа, во последниве години, со подобрувањето на карактеристиките и пониската цена, бекатон плочите се повеќе се користат.
Сепак, целосно бетонирање на двор сеуште е поевтина варијанта, па така за бетон C25/30 со стандардни вредности, цената варира помеѓу 25 и 35 евра/м3.
Бетонирањето се применува во екстериери првенствено поради отпорност на абење, можност за прилагодување на различни површини и потреби. Бетонот е отпорен на неповолни временски услови – дожд, снег, мраз и температурни флуктуации. Бетонската површина ќе ви трае со децении. Поради одличната носивост, бетонирањето се користи за патеки за автомобили и други површини изложени на поголема тежина.
Многумина ја издвојуваат монотонијата и отсуство на естетика како недостаток на бетонирањето. Сепак, овој проблем се решава со печатен бетон. Печатениот бетон е бетонска површина во која со помош на специјални калапи се втиснува одредена шара и текстура и на неа се додаваат бои. На овој начин, печатениот бетон може да имитира други, многу поскапи материјали како гранит, плочки, камен…
Како предност се издвојува и брзина на поставување, бетонирањето се врши на лице место, без поставување дел по дел, како кај поплочувањето. И при бетонирање и поставување на бекатон плочи, површината мора да биде стабилна и израмнета.
Сепак, бекатон плочите имаат и одредени предности. Бекатон плочите овозможуваат подобра дренажа, бидејќи го испуштаат вишокот на површинска вода низ празнините, особено плочките со закосени рабови. Доколку дојде до оштетување, скршените бекатон
плочи може лесно да се отстранат и заменат, без потреба да се чепкаат другите плочи. Кај бетонирани површини ова не е можно.
Кога станува збор за одржување, бетонските површини бараат миење со вода, четка и благ детергент. Кај бекатон плочите нечистотијата и дамките треба да се отстранат што е можно поскоро, а за тврдокорни дамки треба да се користи мека четка. Може да се случи да се направат дамки, особено од моторно масло. Затоа е важно да се осигурете дека маснотиите нема да продрат во завршниот слој на плочите. За отстранување лисја и земја се користат метли со меки влакна.
Без разлика дали ќе одлучите да бетонирате или да поплочите со бекатон плочи, нема да погрешите. Двете решенија имаат бројни функционални и естетски предности.
ПР