Меган Маркл: Работам од 13 години, животот не беше лесен

Меган Маркл сака да ги потсети своите критичари дека нејзиниот живот не бил отсекогаш лесен. Во интервјуто за „Њујорк Тајмс“, кое беше објавено на 2 април, а направено во нејзиниот дом во Монтесито, војвотката од Сасекс се осврна на коментари дека обичните луѓе не можат да се поврзат со неа. Покажувајќи кон нејзината куќа, таа праша: „Зарем не знаат дека мојот живот отсекогаш не бил ваков?“

Критиките кон Меган, која ги има синот Арчи (5) и ќерката Лилибет (3) со принцот Хари, се интензивираа по премиерата на нејзината нова серија на Нетфликс „Со љубов, Меган“, во која таа споделува совети за готвење, изработка и организирање собири.

Кога новинарката на „Тајмс“, Џулија Москин, ја предупреди за критиките од некои гледачи кои приговараа дека садовите за готвење Le Creuset што ги користи во шоуто се прескапи, Меган изненадено праша: „Ова е темата, во 2025 година?“ Таа потоа се сврте кон нејзината мајка Дорија Рагланд, која коментираше: „Сите се лути поради нешто денес“.

Што се однесува до причините за започнување на серијата, која по три дена по премиерата доби зелено светло за втора сезона, Меган објасни дека работела од 13-годишна возраст до средбата со Хари во 2016 година, по што престанала да глуми и го затворила својот популарен блог за животен стил The Tig.

„Морам да работам и сакам да работам“, истакна Меган. „Ова е начин да го комбинирам мојот семеен живот со работата“. Таа, исто така, искрено зборуваше за предизвиците на лансирањето на нејзината нова бренд линија As Ever, која првично беше наречена American Riviera Orchard.

„Имаше многу пресврти, дури и со името“, рече таа во интервјуто за списанието „Пипл“, објавено на 3 март. „Сето тоа го решавав тековно. Неверојатно сум им благодарна на сите што ми дадоа простор да правам грешки и да учам“, продолжи Меган, „и да бидам нежна со себе низ тој процес. Тоа е процес на учење“.

Scroll to Top