Утре во Нетавил промо настан за третото издание на Стрип Трип

На 6 мај во ИТ хабот Нетавил во Скопје, со почеток од 18 часот ќе се одржи промотивен настан за третото издание на фестивалот Стрип Трип. Како дел од промотивниот настан, илустраторите Симон Калајџиев и Белкис Аксу ќе ги престават своите дела и инспирациите што стојат зад нив.

Дополнително, ќе се одржи и цртачка „џем“ сесија со дел од најактуелните автори во македонскиот стрип. Во текот на вечерта, ќе бидат споделени и дел од содржините што се подготвуваат за главниот настан на Стрип Трип што ќе се одржи од 6 до 8 јуни во Младинскиот Културен Центар во Скопје. Настанот е отворен за јавноста, а организаторите ги покануваат сите љубители на стрипот и графичката уметност во државата.

Симон Калајџиев е уметник и футурист од Скопје кој живее и работи како професионален илустратор во Токио, Јапонија. Има работено како независен илустратор и графички дизајнер за многу различни проекти, вклучувајќи: филмови, списанија, реклами, учебници, веб-сајтови, и фестивали. Бил инструктор за цртање стрип и еден од основачите на стрип работилницата во НВО Погон Скопје, 2002-2006. Уредник е и на стрип магазинот Comicus Magnus во издаваштво на истата организација. Тој е добитник на повеќе престижни награди од полето на архитектонската илустрација. Меѓу позначајните изданија, автор е на арт-зборникот „Верлосен“ (2023) и експерименталниот графичко-книжевен проект за асемичко пишување „Öлпест“ (2025).

Белкис Аксу е илустраторка што потекнува од Измир, Турција, а веќе неколку години живее и работи во Скопје. Периодов работи на графичкиот роман, „Всушност, нејзиното лице е прекрасно“ заедно со Дерија Атлас. Дополнително, Аксу илустрира детски книги и атласи, објавува месечен билтен во вебкомик формат, предава на работилници за илустрација, а организира и клуб за графички романи заедно со Атлас. Работи во Јуфи Арт студиото во Дебар Маало со уште двајца уметници.

Стрип Трип 2025 е меѓународен фестивал на стрипот што ќе се одржи во Младинскиот Културен Центар (МКЦ) во Скопје од 6-8 јуни 2025. Главна цел на фестивалот е промоција и популаризација на македонскиот и светскиот стрип. На фестивалот ќе бидат претставени најновите достигнувања и иновативни изрази во деветтата уметност и сродните креативни индустрии. Воедно, ќе бидат претставени стриповите на најмладата генерација на стрип автори. Фестивалот ќе биде отворен за сите посители.

Scroll to Top