Актерката Кристина Аплгејт, најпозната на пошироката јавност по улогите во сериите Married… with Children и Dead to Me, во 2021 година зборуваше за најраните знаци на болеста што засекогаш ѝ го промени животот, мултиплекс склероза.
За време на гостувањето во подкастот „Conan O’Brien Needs a Friend“, Аплгејт сподели лично и емотивно сведоштво за тоа како сè започнало.
Иако во тоа време сè уште играла тенис и планинарела, првиот симптом, вели таа, бил толку суптилен што лесно можела да го игнорира: трнење и вкочанетост во прстите на нозете.
„Беше јануари 2021 година. На мајка ми ѝ беше дијагностициран рак по трет пат, а се случуваа и други стресни работи… Беше многу трауматично време. Почнав да чувствувам вкочанетост во прстите. Само малку. Сè уште бев физички активна, но нешто не беше во ред“, рече Кристина.
Како што минуваа месеците, симптомите се ширеа, од прстите на нозете до глуждовите, а потоа и до колената. Таа почнала да ја губи рамнотежата, сфати дека почнува да се чувствува непријатно кога е на високо, а болката станала неподнослива. „Кога велам дека беше вкочането, беше, но исто така болеше“, додава Аплгејт.
Ѝ помогнала нејзината пријателка и колешка Селма Блер, која самата се бори со истата болест. Блер беше таа што ја убеди да посети невролог, што доведе до официјалната дијагноза.
Денес, на 53-годишна возраст, Кристина не крие колку е предизвикувачки секојдневниот живот со мултиплекс склероза за неа. За време на подкастот, таа призна дека имала „симптоматски навистина лош ден“ и дека понекогаш едноставно не може да функционира.
„Да го видат луѓето мојот живот секој ден, нема да можат да го поднесат. Бидејќи понекогаш ни јас не можам да го поднесам“, искрено рече таа. Покрај физичките тешкотии, Кристина се бори и со стигмата што често ја носи болеста.