Националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија “ТАНЕЦ“ ќе одржи гала концерт во Штип на 04 јуни 2025 година (среда), со почеток во 19:30 часот, во Центарот за култура „Ацо Шопов“ Штип.
„Публиката ќе има уникатна можност да ужива во извонредна програма која ги слави македонската народна традиција, фолклор и музичко наследство. Со карактеристичната енергија, прецизна изведба и богат сценски израз, „ТАНЕЦ“ ќе ја претстави разноликоста на македонските народни игри и песни кои се дел од нашето културно богатство.
Овој концерт е дел од програмата за културни настани што го збогатуваат културниот живот на градот Штип, а истовремено претставува и ретка можност за блиска средба со уметноста која со децении наназад го претставува македонскиот идентитет во светот“, посочува организаторот.