Холивудскиот актер Вин Дизел извојува правна победа во случајот за сексуален напад што го покрена неговата поранешна асистентка, Аста Џонасон. Судија на Вишиот суд во Лос Анџелес донесе привремена пресуда со која ги отфрла половина од обвинувањата во тужбата.
Аста Џонасон ја поднесе тужбата во декември 2023 година, тврдејќи дека познатиот актер сексуално ја нападнал во 2010 година во хотелска соба во Атланта, додека работела за неговата продуцентска компанија „One Race Films“ за време на снимањето на филмот „Fast Five“.
Таа рече дека Дизел наводно насилно ја влечел на кревет, ги допирал нејзините гради и нозе и мастурбирал, а следниот ден, тврди таа, тој ја отпуштил.
Судијата ги отфрли првите четири точки од обвинението, во кои се наведуваат прекршувања на законите за вработување и домување во Калифорнија: дискриминација, непријателска работна средина, одмазда и неспречување на вознемирување и дискриминација.
„Тврдењата на тужителот се застарени бидејќи таа не поднела извештај до државната агенција во законскиот рок, што е услов за поднесување тужба“, рече судијата во пресудата.
„Денес, судот го одобри нашето барање во целост и отфрли половина од оваа несериозна тужба. Потоа ќе презентираме неоспорни докази што докажуваат дека преостанатите измислени обвинувања никогаш не се случиле“, изјави адвокатот на Дизел, Брајан Фридман, за списанието „Пипл“.
Тој претходно рече дека Дизел категорично ги негирал обвинувањата, нарекувајќи ги неосновани и тврдејќи дека вмешаното лице било некој што работел за компанијата на актерот помалку од две недели, пред повеќе од 15 години.
Од друга страна, адвокатот на Астра Џонасон, Метју Т. Хејл, рече:
„Ја почитуваме одлуката на судот, иако не се согласуваме со неа. Таа се однесува само на техничко правно прашање и нема никаква врска со фактите што остануваат предмет на понатамошна постапка.“