Познатиот готвач Џејми Оливер отвори ресторан во Црна Гора

Џејми Оливер, еден од најпознатите светски готвачи, го отвори својот прв ресторан во Црна Гора – во луксузниот комплекс Бока Плејс во Порто Монтенегро.

Брендот „Џејмис Италијан“ носи препознатлив концепт на автентична италијанска кујна, веќе позната низ целиот свет. Според порталот „Инвеститор“, ресторан под истиот бренд наскоро ќе се отвори во Подгорица – во „Капитал Плаза“.

Светски познатиот британски готвач Џејми Оливер официјално го објави доаѓањето на неговиот познат бренд ресторани „Џејмис Италијан“ во Црна Гора. Новиот ресторан е отворен во Бока Плејс, модерен дел од луксузната марина Порто Монтенегро, која е позиционирана како нов епицентар на кулинарството, шопингот и здравиот живот на црногорскиот брег, пишува порталот.

„Црна Гора, тука сме! Дојдете на чинија со рачно изработени тестенини, морски плодови, свежи салати, автентични пици и неодоливи десерти. Уживајте во вистинска италијанска гозба во срцето на Порто Монтенегро“, рече Оливер на својот официјален профил на Фејсбук, заедно со видео во кое го најавува отворањето на ресторанот.

„Џејмис италјан“ е глобално познат синџир на ресторани кој промовира автентична италијанска кујна со фокус на свежи состојки, рачно изработени тестенини и одржлива гастрономија. Брендот е основан во 2008 година со цел да понуди топло, семејно и прифатливо кулинарско искуство, инспирирано од италијанската традиција.

„Бока плејс“, каде што се наоѓа новиот ресторан, претставува најнова фаза од развојот на Порто Монтенегро – луксузна марина и станбен комплекс во Тиват. Тоа е мултифункционален комплекс кој комбинира домување, малопродажба, гастрономија и велнес објекти. Тој е дел од поширок инвестициски циклус кој сè повеќе го позиционира Тиват како регионална дестинација за животен стил.

За Црна Гора, отворањето на ресторанот „Џејмис италјан“ е уште една потврда за нејзиниот растечки углед на светската мапа на луксузен туризам и кулинарство. Во исто време, тоа е и дополнителен чекор во развојот на гастрономската сцена, со оглед на угледот и влијанието што Џејми Оливер го има во меѓународната угостителска индустрија.

Scroll to Top