Изложбата „Цвеќе на мирот“ на Живко Поповски – Цветин ќе биде отворен во галерија „Метаноја“ во среда 6 август 2025 година од 11:55 часот.
На настанот ќе учествуваат Лидија Лучко-Јеремиќ со поема по повод атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки. Музичко поетски перформанс ќе имаат музичарот Никола Стојковски и актерката Арна Шијак.
За изложбата д-р Коста Милков вели, „Низ долгите години на неговите заложби за мир, Живко Поповски – Цветин насликал илјадници и илјадници слики со цвеќе на мирот. Неговиот прв формален настап е во далечната 1972 со изложени мозаици и колажи во Демир Хисар, а последниот е во Задар во јуни 2025, под име „Цвеќе на мирот“ по повод „Денови на уметноста“ во Хрватска. Повеќе од пет децении преданост и посветеност сведочат за непоколебливоста да се биде миротворец.“
Живко Поповски – Цветин (р. 1944, с. Брезово) е сликар на мирот и хуманист. Тој е поранешен претседтел на црвениот крст на Македонија и спаѓа меѓу номинираните за Нобелова награда за мир. По професија е агроном, но неговиот животен пат го обележуаат новинарството, јавната служба и уметноста во име на мирот.
Поповски – Цветин како уметник е препознатлив по мисијата „Цвеќето на мирот“. Од 1970 година има реализирано над 300 изложби во земјата и светот и подарено повеќе од 40.000 слики, кои пренесуваат порака на мир и надеж. Неговите дела се наоѓаат кај државници, уметници, поети и обични луѓе ширум светот.