Алекс Батлер (15) од Сиетл стана милионер откако ја продаде друштвената игра „Тако наспроти Бурито“, која ја дизајнирал како седумгодишно дете, на големата американска компанија „Плеј Монстер“.
Неговата игра, во која се натпреварувате да го создадете највредниот оброк, стана глобален хит и се продаде во над 1,5 милиони примероци, објавува „Дејли меил“.
Алекс и неговите родители, Лесли Пирсон и Марк Батлер, минатиот месец одлучија целосно да ја продадат играта на познатата компанија со седиште во Висконсин.
„Никогаш не се врзав премногу за играта“, рече Алекс. „Не ми е толку важна. Само сакав да добијам што е можно повеќе пари од неа.“
Иако не се знае точно колку добиле, семејството потврди дека моментално работат на инвестирање на заработените пари. Алекс, сепак, не крие дека би сакал дел од парите да ги искористи за да купи луксузен автомобил.
„Би сакал да купам Ламборџини“, рече тој со насмевка.
Идејата за играта, како што вели Алекс, се родила сосема случајно, во период кога не сакал такос или бурито. Сепак, тој често играл игри со карти како „Exploding Kittens“ со своето семејство, што го инспирирало да смисли нешто свое.
Неговата мајка, исто така, започнала кампања „Го фаунд“, со која собрале 25.000 долари за краток временски период. Тоа било доволно за да започнат мал семеен бизнис наречен „Хот Тако Инк“, во кој Алекс бил мнозински сопственик.
Играта се појавила на „Амазон“ и станала веднаш хит. До крајот на истата година, тие заработиле речиси 1,1 милион долари. „Тако наспроти Бурито“ во еден момент била најпродаваната игра на „Амазон“.
Сепак, како што растела побарувачката, играта го надминала капацитетот на семејниот бизнис. Потоа решиле да најдат поголема компанија која ќе може да се справи со понатамошната дистрибуција.
Иако добиле неколку понуди во текот на годините, семејството се одлучило за „Плеј манстер“.