Страстен љубител на мачки, фан на култната серија The Office и сопственик на еден од најоригиналните музички псевдоними на денешницата – Baby Lasagna доаѓа на Get EXITed журката во Струмица. По неговиот сензационален настап со кој речиси ја освои Евровизија и стана апсолутен победник во очите на европската публика, како и енергичното отворање на нултиот ден од EXIT фестивалот минатата година, тој зачекори на најголемите светски сцени и фестивали – а неговата следна возбудлива станица е токму Големиот парк во Струмица.
По второто место на најпопуларниот музички натпревар во Европа, Baby Lasagna тргна во освојување на европските сцени. Беше и еден од хедлајнерите на Sea Star фестивалот во родниот Умаг, каде што публиката го пречека како локален херој.
Потоа следуваше нултиот ден на 24-то издание од EXIT фестивалот, каде што на Tesla Universe бината внесе вистинска ерупција на енергија и предизвика невидени овации од публиката. Токму тогаш, за првпат ги изведе некои од своите песни од, тогаш необјавениот, а денес мошне слушан деби албум „DMNS & MOSQUITOES“.
„Никогаш досега не сум настапувал на толку голема бина, никогаш пред толку многубројна и подобра публика,“ рече Марко за време на својот прв настап во Србија. Тој настап претставуваше повеќе од успешна увертира за неговата прва голема турнеја – „Meow Back Tour“, со која посети над дваесет европски градови. Веднаш потоа започна голема летна турнеја со настапи низ целиот регион, како и во Холандија, Англија, Шкотска, Полска, Финска и други земји.
Неговиот повраток на Евровизија, овој пат во Базел, донесе и посебно изненадување – заедно со Käärija, настапи во уникатен mash-up перформанс „Cha Cha Cha / Rim Tim Tagi Dim“. Двајцата најомилени евровизиски изведувачи од поновата генерација ги споија своите експлозивни и разиграни енергии во дуетот #eurodab. Тоа беше фантастична комбинација, а настапот веднаш стана вирален – социјалните мрежи беа преплавени со коментари за „дуетот од соништата“ на сите фанови на Евровизија.
На големата претстојна Get EXITed журка во Струмица, Baby Lasagna доаѓа во сабота, 7-ми септември, кога Струмица по четврти пат ќе стане епицентарот на регионот. Во Големиот градски парк ќе настапат и светски познатиот диџеј Jax Jones, како и легендарните Бајагa и Инструктори. Публиката ја очекува ноќ за паметење, исполнета со хитови од повеќе жанрови, врвна енергија и бројни изненадувања, а целосната програма наскоро ќе биде објавена.
Фото: принтскрин