„2 Бона“, Елена Ристеска, Викторија Лоба, Дарио и многу други на концерт во Паркот на франкофонијата

Во сабота, 13 Септември, со почеток во 19:30 часот ќе се одржи големиот бесплатен музички хепенинг „Нешто што ќе остане“ во Паркот на Франкофонија, во организација на Општина Центар.

На концертот ќе настапат едни од најпознатите македонски изведувачи како Дарио и Миг-21, Елена Ристеска, групата „2 Бона“, Викторија Лоба, Кристина Арнаудова и Барбара Поповиќ. Низ целиот концерт ќе не води урбаната дива Вера Јанковиќ.

Фронтмените на групата „2 Бона“ ги повикуваат сите скопјани на 13 Септември да дојдат и да уживаат во добра македонска музика.

„На 13 Септември се гледаме во Парк на Франкофонија! Фестивалот се вика „Нешто што ќе остане“, така да дојдете и останете таму цела вечер. Се гледаме!”, велат фронтмените на „2 Бона“.

Преку видео обраќање, пејачката Елена Ристеска го најави својот настап во Паркот на Франкофонијата.

„Драги мои, ве повикувам на 13 Септември во Центар, во Паркот на Франкофонијата да уживаме во македонска музика. Ве сака ваша Елена Ристеска“, повика Ристеска.

Водителката Вера Јанковиќ истакнува дека музиката е доказ дека не сме сами, а музичкиот хепенинг „Нешто што ќе остане“ не асоцира на најдоброто од македонската музичка сцена.

„Драги мои поклоници на македонската музичка сцена, сакам да ви најавам „Нешто што ќе остане“. Тоа ме асоцира на моментот дека музиката е доказ дека не сме сами на овој свет. Нешто што ќе остане, по трети пат, традиционално не асоцира на најдоброто од македонската забавна музичка сцена. И повторно, Парк на Франкофонија овој пат 13 Септември, 19:30 минути. Јас сум Вера Јанковиќ, вашиот водител, домаќин, а се останато што ќе ве изненади таму ќе биде фантазија во која што ќе создадеме уште една ноќ за паметење. Се гледаме, бидете таму!“, порачува Јанковиќ.

Градоначалникот Горан Герасимовски истакнува дека Општина Центар продолжува да вложува во културни настани достапни за сите граѓани.

„Со „Нешто што ќе остане“ создадаваме традиција на заеднички моменти исполнети со музика, радост и култура. Ги поканувам сите скопјани и гости на градот да ни се придружат на оваа прекрасна вечер која ќе остане запаметена“, вели Герасимовски.

Scroll to Top