Четврти Маалски фестивал од 25 до 27 септември на повеќе локации во Центар

Четвртото издание на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ 4.0, ќе се одржи од 25 до 27 септември 2025 година на повеќе локации во Општина Центар – Скопје и тоа во КСП Центар – Јадро, Парк на Франкофонија, Боемска 2 и Природонаучниот музеј.

„Овогодинешното издание на фестивалот е во духот на солидарноста и соседството. И оваа година ве покануваме на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ за заеднички да ги запоседнеме маалските улици и да ги исполниме со убавина која недостасува. Ајде сите на креативен дијалог, на раскажување стари приказни и креирање нови. Време е да ги шараме нашите улици со спомени и уметност. Како и секогаш, фестивалот останува верен на својата мисија, да создава простор за колективно обликување на културата, дружење, заедничко учење и забава“, велат од Културно-социјалниот простор ЦЕНТАР–ЈАДРО.

Симболично, фестивалот ќе биде отворен со Маалско мезе, закажано за 26.09 (петок), од 17:30 часот на Боемска 2.

„За оваа заедничка гозба не очекувајте специјална покана и црвен тепих – поканети сте сите! Маалското мезе е простор за соседите, соработниците, пријателите и сите случајни и неслучајни минувачи да седнат заедно и да споделат вкусна храна, маалски приказни и голтка надеж. Дојдете на нашата радосна трпеза, задолжително понесете добро расположение и некој домашен специјалитет кој едноставно мора да го споделите со нас“, се вели во повикот.

После мезето, во КСП Центар – Јадро со своја изложба  гостуваат германската уметница и фотографка Франциска Клозе и изложба и презентација на Фестивалот Остен од Битерфелд-Волфен, Германија (26.09, 20:00, КСП Центар – Јадро).

Петочната вечер (26.09, 21:30, Боемска 2) ќе заврши со настапите на Калико и Корка, два свежи и алтернативни македонски бенда кои со својата енергија и звук ќе нè забавуваат, размрдаат и ќе вдахнат здив свежина во Дебар Маало.

Концертот, како и целосната фестивалска програма, има хуманитарен карактер, а сите средства собрани за време на фестивалските денови ќе бидат доставени до иницијативата SUPPORT KOCANI.

Scroll to Top