Името Живанши е синоним за убавина, гламур и француска висока мода со децении, па затоа не е изненадување што свадбата на наследникот Шон Тафин де Живанши и неговата љубов од колеџ Дахје Јунг беше прослава на елеганција и раскош. Двојката, двајцата во доцните 20-ти години, се венчаа во Париз во август, на она што веќе беше прогласено за најпознатата свадба на годината, а сега за прв пат споделија детали и фотографии од свадбата, која невестата ја опиша како „нереална“, објавува „Дејли меил“.
Католичката церемонија се одржа во базиликата Сент Клотилд, а ја водеше Марк Ламбре, на својата последна миса пред да се пензионира. Пред бројните членови на семејството, невестата отиде до олтарот во венчаница без прерамки, изработена по мерка од Ендру Квон, со долг вел, во комбинација со кремасти потпетици од Маноло Кампари.
Браќата на Шон, Лукас и Метју де Живанши, беа кумови, а чичкото на Шон, американскиот дизајнер на накит Џејмс Тафин де Живанши, и братучедката Стела де Живанши, исто така беа присутни. Таткото на Шон, Хуберт Тафин де Живанши, почина во 2016 година, а тој го доби името по неговиот познат чичко Хуберт де Живанши, кој ја основал модната куќа во 1952 година.
Свадбата беше кулминација на тридневна прослава што започна со пробна вечера во луксузниот ресторан Ла Фонтен Гејон. Следниот ден, гостите беа поканети на „бранч за добредојде“ во хотелот Ле 5 Партикулје, каде што играа бинго и уживаа во десерти. По свадбената церемонија, двојката и нивните гости ја продолжија својата прослава во Ле Павилон Дофин Сен Клер.
„Мојата визија за свадбата беше безвременска, класична и несомнено париска“, изјави Дахје за Вог.
Иако семејството има познато модно име, Дахје се одлучи за фустан од дизајнерот Ендру Квон. Таа призна дека не било „љубов на прв поглед“. „Дотогаш, посетив над 10 салони за венчаници во Менхетен и сè уште не го најдов вистинскиот. Губев надеж“, рече таа.
Но, откако виде сличен дизајн во црна боја, таа одлучи да ризикува и да го замоли тимот на Квон да ѝ направи венчаница. По безброј часови работа, фустанот беше совршен. Нејзиниот единствен накит беше ѓердан на нејзината мајка и бисерните обетки што ѝ припаѓаа на бабата на Шон.






