(Видео) Објавен првиот трејлер за контроверзниот биографски филм за Мајкл Џексон

По бројните извештаи за проблематичната продукција, студиото „Лајонсгејт“ го објави првиот трејлер за биографскиот филм „Мајкл“, кој го режира Антоан Фукуа и го следи животот на кралот на поп-музиката, Мајкл Џексон.

Трејлерот започнува со сцена во студио каде Џексон снима со Квинси Џонс (го игра Кендрик Семпсон), кој вели:

„Знам дека долго го чекавте ова. Песните се снимени, подготвени се. Да почнеме од почеток.“

Следуваат кадри од детството на Џексон, неговите легендарни настапи и видеа, меѓу кои и „Трилер“, додека во позадина свири хитот „Вана би стартин самтинг’“ од 1982 година.

Филмот го прикажува патот на Џексон од детска ѕвезда до светска икона, со „интимен поглед во животот и наследството на еден од највлијателните уметници на сите времиња“, стои во синопсисот.

Снимањето завршило во мај 2024 година, но поради дополнителни снимања во јуни, премиерата беше одложена за 24 април 2026 година.

Иако се шпекулираше дека проектот ќе биде поделен на два дела, трејлерот покажува дека сепак станува збор за еден филм.

Режисер е Антоан Фукуа, познат по акциските хитови „Training Day“, „The Equalizer“ и „Olympus Has Fallen“. Сценариото го напиша Џон Логан, автор на „Gladiator“, „The Aviator“ и „Hugo“.

Главната улога ја толкува Џафар Џексон, вистинскиот внук на Мајкл Џексон.

Продуцентот Греам Кинг изјави дека филмот ќе го прикаже Џексон со човечка страна, без да се „исчисти“ неговата биографија:

„Мајкл имаше сложен живот. Сакам да ја прикажам највозбудливата и најнепристрасна приказна што можам, а публиката сама нека одлучи како ќе се чувствува по филмот.“

Контроверзии повторно се појавија поради обвинувањата за сексуално злоупотребување на деца, кои беа обновени во документарецот „Leaving Neverland“ (2019) на Ден Рид.

Рид изјави дека сценариото за „Michael“ било „изненадувачки неискрено“ бидејќи, според него, ги игнорирало обвиненијата и тужителите.

Филмот ќе добие ново финале, бидејќи режисерот Фукуа мора повторно да сними делови поврзани со контроверзните обвинувања за злоупотреба на деца.

Како што пренесува „Анадолија“, првичната верзија на филмот прикажувала Џексон како се грижи за болни деца, што предизвикало реакции и притисок врз продукцијата да направи измени.

Scroll to Top