Изложба со наслов „Стопен град“ на Игор Сековски ќе биде отворена на 14 ноември 2025 (петок) во Националната галерија на Република Северна Македонија, објект Чифте амам, во 20 часот.
Со проектот Стопен град, Игор Сековски го продолжува своето истражување на градот како жив, чувствителен и нестабилен организам. По серијата дела посветени на урбаните трансформации, овој пат фокусот е насочен кон климатските промени и нивното влијание врз материјалната и човечката кревкост.
Серијата парафински објекти го претставува градот во состојба на топење – како метафора на архитектонскиот поредок под притисок на топлина, загадување и ентропија. Парафинот, материјал што реагира на температурата, го воведува климатскиот фактор како коавтор на формата, каде што уметноста станува еколошка соработка меѓу човекот, материјата и околината.
Стопените структури асоцираат на надреални урбани пејзажи во кои границите меѓу стабилност и распад, реалност и имагинација, стануваат флуидни. Градот се појавува како „психогеографија на нестабилност“, при што топлината не е само физички, туку и психолошки и социјален симптом.
Изложбената поставка, со „левитирачки“ парафински форми и нивните сенковни проекции, создава впечаток на урбана фрагментација и климатска халуцинација – град во состојба на распаѓање, кој истовремено го задржува сеќавањето на сопствената стабилност.
„Стопен град“ ја претвора уметноста во лабораторија на топлината и кревкоста, прикажувајќи го топењето како физички и емоционален процес. Концептот на „урбана топлинска имагинација“ го реосмислува градот како динамичен екосистем што постојано се менува под влијание на климатските сили. Проектот не прикажува крај, туку трансформација – град што се претопува, но не исчезнува. Така, Сековски го поканува гледачот да ја замисли иднината на урбаното пред да се стопи реалноста што ја познаваме.
д-р Ана Франговска
Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам и Националната галерија на Република Северна Македонија и ќе биде поставен до 27 ноември 2025.
Текстот Изложба „Стопен град“ на Игор Сековски во Чифте амам е превземен од МАКФАКС.






