Уапсено едно лице по експлозијата на бомба во куќата на Здравко Чолиќ

Полицијата уапси едно лице, С. М. (1993), под сомнение дека фрлил бомба врз семејната куќа на пејачот Здравко Чолиќ во белградската населба Дедиње, додека полицијата интензивно трага по вториот осомничен.

Информацијата ја потврди и српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, истакнувајќи дека станува збор за заедничка акција на полицијата, Вишото јавно обвинителство во Белград и Безбедносната и информативна агенција, пишува N1info.rs.

Уапсеното лице се товари за кривични дела нелегално производство, поседување, носење и трговија со оружје и експлозивни материи, како и предизвикување општа опасност како соучесник.

„Постојат основани сомневања дека С.М., заедно со друго барано лице, дошле во семејниот дом на жртвата во Дедиње на 3 февруари годинава околу 4:52 часот наутро, каде што активирале и фрлиле рачна граната во дворот“, рече Дачиќ.

На осомничениот му е одреден притвор до 48 часа.

Бомбата во дворот на куќата на пејачот била фрлена во раните утрински часови на 3 февруари. Во нападот нема повредени, но има материјална штета. Чолиќ не бил дома во времето на инцидентот, туку бил во Загреб, каде што работи на нов албум.

Во својата прва изјава за медиумите по инцидентот, Чолиќ потврди за ТВ Уна дека неговото семејство е безбедно. „Сè е во ред во Белград, фала му на Бога сите се добро“, рече тој.

 

фото/епа

Scroll to Top