Сите елитни единици на српското Министерство за внатрешни работи – УКП, САЈ и Жандармеријата – учествувале во драматичната акција за спасување на познатиот пејач Даниел Кајмакоски (43), кој синоќа бил киднапиран во Белград, јави српски „Телеграф“.
Сè започнало со полициска рација на улицата Караѓорѓева, кога возач на бел „Волво XC60“ не застанал на наредбата од полицијата и започнал бегство во правец кон Бранков мост. Брзо било утврдено дека се работи за киднапирање на познатиот пејач.
View this post on Instagram
При обидот да го запрат возилото, напаѓачите ја пробиле полициската блокада и започнала потера низ градот, движејќи се кон Палата Србија, Арената, па потоа кон автопатот во насока на Шид.
„Во текот на потерата, напаѓачите со пиштол му се заканувале на Кајмакоски и побарале 20.000 евра за неговиот живот. Дополнително се заканиле дека нивни соучесници, кои наводно го надгледуваат неговиот дом, ќе ѝ наштетат на неговата сопруга и деца“, пишува „Телеграф“.
По поминувањето на патарината Шимановци, возачот направил грешка под притисокот од полицијата и кај исклучувањето за Рума удрил во заштитна ограда. Двајца вооружени напаѓачи побегнале во темнината, додека полицијата во возилото го пронашла врзаниот Даниел Кајмакоски.
Теренот околу Рума моментално е под целосна блокада. Специјалците од САЈ и Жандармеријата користат службени кучиња и најсовремена термовизиска опрема во потрагата по бегалците, кои, според исказот на жртвата, комуницирале на турски јазик.
Вишото јавно обвинителство го квалификувало случајот како киднапирање, пишува „Телеграф“.






