Велигденска порака од Коњановски: Љубовта и добрината нека нè обединат

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, упати честитка до граѓаните по повод најголемиот христијански празник Велигден, испраќајќи порака за здравје, радост и заедништво.

Во својата објава, Коњановски им се обрати на сограѓаните, пријателите и христијаните, посакувајќи им празнични денови исполнети со слога, среќа и топлина во семејствата. Тој нагласи дека Велигден е празник кој ја симболизира победата на љубовта, надежта и доброто над злото, како и животот над смртта.
„На овој ден да се потсетиме на најголемите вредности кои треба да нè обединуваат: добрината, хуманоста и чесноста“, порача Коњановски, додавајќи дека меѓусебното почитување и негувањето на традицијата се клучни за создавање подобра иднина.

Тој ги повика граѓаните да го прослават Воскресението Христово со достоинство и да се стремат секојдневно да ја живеат верата преку добри дела, грижа за ближните и позитивни вредности.

Празничната честитка ја заврши со традиционалниот христијански поздрав:

Христос Воскресна! – Навистина Воскресна

Scroll to Top