Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, денеска во Битола оствари работна средба со Регионалните комори на Прилеп и Битола при Стопанска комора на Македонија, во рамки на состанокот на Управните одбори.
На средбата присуствуваа вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, директорот на ЈПДП Коце Трајановски, како и заменик-министрите за економија и финансии Марјан Ристески и Николче Јанкуловски, заедно со повеќе градоначалници од регионот.
Во фокусот на разговорите беа актуелните економски предизвици, мерките за поддршка на стопанството и реализацијата на капиталните инвестиции, со акцент на инфраструктурните проекти во Пелагонискиот регион.
Проданоски истакна дека изградбата на автопатот Прилеп – Битола се одвива со добра динамика, нагласувајќи дека станува збор за стратешки проект кој ќе ја подобри регионалната поврзаност. Дополнително, беше најавена подготовка за реализација на источната обиколница, како и воведување нова железничка линија Прилеп – Битола – Жабени, која ќе биде во функција за време на изградбата на автопатот.
Според него, овие инвестиции ќе придонесат за олеснување на работењето на компаниите, подобрување на транспортната инфраструктура и создавање услови за побрз економски развој.
На средбата беше потенцирано дека бизнис секторот ја препознава зголемената поддршка од Владата и локалните самоуправи, особено во услови на предизвици поврзани со цените на енергенсите и глобалните економски текови.
Проданоски порача дека институциите остануваат посветени на создавање стабилна и одржлива економска средина, со подобри услови за развој на бизнисот и повисок квалитет на живот за граѓаните.






