Во Битола се одржа состанок на Управните одбори на регионалните стопански комори од Битола и Прилеп, на кој во фокус беше ставено унапредувањето на инфраструктурното поврзување како основа за економски раст на Пелагонискиот регион.

Градоначалникот на Битола заедно со претседателот на Регионалната стопанска комора Мирко Велковски го пречека вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој присуствуваше на состанокот заедно со претставници од институциите и локалната самоуправа.

На состанокот присуствуваа и замениците министри за финансии и економија Николче Јанкуловски и Марјан Ристески, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, претседателот на Советот на Општина Битола Бојан Бојкоски, како и директори на јавни претпријатија и градоначалници од регионот.
Стопанствениците отворија пет клучни прашања поврзани со инфраструктурните проекти во регионот, со посебен акцент на автопатот Прилеп–Битола, автопатот Дреново–Прилеп, обиколницата Битола–Меџитлија, обиколницата Ресен–Охрид, како и железничкото поврзување со Грција.
Министерот Николоски истакна дека покрај дијалогот со градоначалниците, Владата активно соработува и со стопанството за идентификување на актуелните предизвици и забрзување на инфраструктурните проекти.
Тој информираше дека работите на автопатот кон Битола се одвиваат со добра динамика и најави воспоставување на нова железничка линија Прилеп–Битола–Жабени, која би се користела и во периодот на изградба на автопатот.
Градоначалникот Тони Коњановски порача дека ваквите средби се значајни за координација меѓу институциите и стопанството и дека инфраструктурното поврзување е клучен предуслов за понатамошен развој на регионот.






