(ВИДЕО) Секретарот на Општина Битола, Димитровски со отворен повик: Проверете сѐ – вистината ќе покаже дека нема злоупотреба

Секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, преку обемна јавна објава се обрати до јавноста, повикувајќи ги надлежните институции да спроведат целосна истрага за доделувањето на општински средства, по обвинувањата за наводен конфликт на интереси поврзан со неговото семејство.

Во обраќањето, Димитровски нагласи дека во периодот од неговото назначување за секретар во 2022 година, а потоа и во 2025 година, потпишал изјава со која се обврзал дека нема да учествува и нема да влијае во процесите на доделување финансиски средства за правни субјекти поврзани со членови на неговото семејство. Тој потенцира дека оваа обврска не била само формалност, туку принцип на работа кој го почитувал во целиот негов мандат.

Повод за неговата реакција, како што наведува, се навреди, шпекулации и обиди за дискредитација на неговата личност, како и минимизирање на долгогодишното делување на културни и спортски здруженија поврзани со неговото семејство, меѓу кои КУД Илинден, иницијативата „Трчај бе“ и Атлетскиот клуб „Олимп“.

Во таа насока, Димитровски презентираше конкретни финансиски податоци за периодот од 2021 до 2026 година, нагласувајќи дека: КУД „Илинден“, кое брои околу 400 членови и ја претставувало Македонија на бројни меѓународни фестивали во земји како Полска, Хрватска, Португалија, Албанија, Србија, Унгарија, Турција, Чешка, Франција, Бугарија, Шпанија, како и на светската фолклоријада во Уфа, Русија, добило вкупно 820.000 денари поддршка од општината во последните четири години.

Манифестацијата „Трчај бе“, која привлекува илјадници посетители во Битола и е раководена од неговиот брат, добила вкупно 1.500.000 денари во истиот период, додека Атлетскиот клуб „Олимп“ добил 260.000 денари.
Според Димитровски, вкупната финансиска поддршка за овие три субјекти изнесува 2.580.000 денари за четири години, а одлуките за доделување на средствата ги носеле комисии составени од советници, надворешни експерти и административни службеници, без негово влијание.

Тој исто така демантираше наводи поврзани со адвокатското друштво „Димитровски“, истакнувајќи дека тоа нема никаква соработка со општината и нема добиено никакви средства од буџетот.

Во обраќањето, Димитровски ја истакна важноста на традиционалните настани во градот, посочувајќи дека во рамки на празникот Источен петок – Балаклија, познат како „Градски Велигден“, преку манифестацијата „Весел Петок“ во населбата Јенимаале се одржуваат бројни културни активности со учество на домашни и странски ансамбли.

На крајот, тој порача дека неговата цел е интересот на граѓаните, а не, како што вели, „етикети за профитерство“, додавајќи дека е подготвен да сноси целосна одговорност доколку институциите утврдат било каква неправилност.

Димитровски упати апел до надлежните органи да извршат проверка и да ја информираат јавноста, истакнувајќи дека вистината, како што наведе, е „најсилната човечка светлина“.

ВИДЕОТО ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА

Scroll to Top