Собранието го отвори патот за укинување на техничката влада: измените поминаа во прва фаза со 67 гласа

Собранието на Северна Македонија со мнозинство гласови ја утврди потребата од носење на измените на Законот за Владата по скратена постапка, со што се отвора патот за укинување на моделот на техничка влада кој се применува пред избори.
Со 67 гласа „за“, 13 „против“ и ниту еден „воздржан“, пратениците ја поминаа првата фаза од законодавната постапка, а предлогот сега продолжува во понатамошна собраниска процедура.

Доколку измените бидат конечно усвоени, ќе се укине практиката за формирање техничка влада 100 дена пред парламентарни избори – модел кој беше воведен како дел од политичките договори за гарантирање фер изборни процеси.
Во образложението на предложените измени се наведува дека иако техничката влада во одреден историски контекст имала стабилизирачка улога, нејзината долгорочна примена се покажала како нефункционална и финансиски неоправдана.

Според предлагачите, ваквиот модел доведува до проширување на извршната власт преку именување дополнителни министри и заменик-министри, што резултира со дуплирање на надлежностите и посложени процедури за одлучување. Ова, како што се наведува, негативно влијае врз ефикасноста, одговорноста и континуитетот во управувањето.

Дополнително, се потенцира дека одржувањето на техничка влада создава и значителен финансиски товар врз буџетот, поради трошоците за плати, надоместоци и административна поддршка, без соодветен јавен ефект што би ја оправдал таа инвестиција.
Во предлог-законот се нагласува дека со неговото усвојување ќе се воспостави појасна и поефикасна правна рамка која ќе обезбеди фер и транспарентни избори преку редовните институции, наместо преку привремени политички решенија.

Во меѓувреме, опозициската СДСМ остро реагираше на предложените измени, обвинувајќи дека станува збор за „шверцерско“ укинување на техничката влада, при што најавија политичка борба против ваквото решение.

Предлогот за измените на Законот за Владата се очекува да биде разгледуван и на наредните собраниски седници, каде ќе се води главната дебата околу неговото конечно усвојување.

Scroll to Top