Коњановски: почнува процес на дигитализација на водоводниот систем во Битола

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, информира дека денеска се одржал работен состанок во ЈП „Водовод“ Битола, на кој заедно со директорот Андреј Гинов и претставници од Швајцарската амбасада биле разгледани активностите за реализација на проект за надминување на постојните предизвици во водоводниот систем.

Проектот е насочен кон модернизација на целокупната водоводна инфраструктура и опфаќа прецизна евиденција и контрола на потрошувачката, воведување SCADA систем, поставување современи водомери, како и унапредување на наплатата и намалување на загубите на вода, со посебен фокус на руралните средини.

Коњановски истакна дека иницијативата произлегува од реалната потреба за технолошка модернизација и дигитализација на системот, со цел поефикасно управување со водните ресурси и подобрување на услугите за граѓаните.

На состанокот било нагласено и значењето на соработката со европските фондови, чија поддршка овозможува имплементација на современи решенија и забрзување на развојните процеси во јавните претпријатија.

Овој проект претставува прва фаза од поширок процес на трансформација, кој во иднина треба да доведе до целосна дигитализација на водоводната мрежа, вклучително и автоматизирано отчитување во руралните средини.

Според најавите, со инвестиции во инфраструктурата и дигитални решенија се очекува зголемена ефикасност, намалување на загубите на вода и одржливо управување со водните ресурси во општина Битола.

Scroll to Top