Полесен влез за Србите во Грција: EES се ублажува во летната сезона, мерката не важи за Македонија

Српските туристи ова лето би можеле да се соочат со помалку задржувања на границите со Грција, откако од Србија пристигнаа најави дека грчките власти ќе применуваат пофлексибилен режим на новиот европски систем за влез и излез – EES.

Иако засега нема официјална одлука за суспендирање на системот, српските претставници очекуваат дека во текот на летната туристичка сезона контролите нема да се спроведуваат во целосен обем. Целта на ваквиот пристап е да се избегнат долгите колони и чекања на граничните премини, особено во периодот кога илјадници туристи патуваат кон грчките летувалишта.

Генералната конзулка на Србија во Солун, Јелена Вујиќ Обрадовиќ, изјави дека не се очекува формален документ за укинување на системот, но дека постојат уверувања оти Грција ќе го искористи просторот за пофлексибилна примена. Според тие информации, во периодот од 1 јуни до крајот на август, системот не би требало да создава дополнителни застои.

Во пракса, тоа би значело побрза контрола на документите на најфреквентните премини, наместо целосна биометриска проверка за секој патник. Инаку, EES предвидува регистрација на лични податоци, фотографија и отпечатоци од прсти за сите државјани од земји кои не се членки на ЕУ и Шенген зоната, заменувајќи го досегашниот систем на печати во пасошите.

 

Оваа тема е значајна и за Северна Македонија, бидејќи новиот систем се однесува и на македонските граѓани. Минатата недела, Туристичката комора при Сојузот на стопански комори побара од грчкото Министерство за туризам привремено одложување на примената на EES за македонските патници во периодот од 1 јуни до 1 септември 2026 година.
Во изминатиот период, EES веќе предизвика подолги чекања на одредени европски граници и аеродроми, што доведе до реакции од туристичкиот сектор и авиокомпаниите, кои побараа поголема флексибилност во најинтензивниот туристички период.

Според информации од европски медиуми, Грција веќе применува адаптиран пристап за дел од патниците, со цел да се избегнат поголеми гужви во туристичкиот шпиц.

Засега, најреалната проценка е дека EES формално нема да биде укинат, но неговата примена ќе биде прилагодена на условите на терен. Тоа значи дека туристите од регионот, вклучително и српските и македонските граѓани, би можеле да поминат со помалку задржувања – но конечната практика ќе зависи од одлуките на грчките власти и од реалната состојба на граничните премини во текот на летото.

Scroll to Top