Ставена точка на холивудскиот скандал: Лајвли и Балдони постигнаа спогодба, судењето откажано

Холивудската актерка Блејк Лајвли и актерот Џастин Балдони постигнаа нагодба во граѓанскиот спор што произлезе од нивната соработка на филмот It Ends With Us, со што беше избегнато судењето кое требаше да се одржи овој месец во Њујорк.

Случајот започна неколку месеци по премиерата на филмот во 2024 година, кога Лајвли поднесе тужба во која го обвини Балдони за сексуално вознемирување и организирање кампања за нарушување на нејзиниот углед. Сепак, судот претходно отфрли поголем дел од обвиненијата, вклучително и оние за вознемирување, додека три точки – повреда на договор, одмазда и помагање во одмазда – останаа како можен предмет на судење.

Со постигнатата нагодба, целиот правен процес е затворен, а деталите од договорот не се јавно објавени.

Во заедничко соопштение, правните тимови на двете страни нагласија дека нивната цел е подигање на свеста и поддршка за жртвите на семејно насилство, како и промовирање на здраво и професионално работно опкружување.

„Се надеваме дека овој исход ќе им овозможи на сите вклучени да продолжат понатаму мирно и конструктивно“, се наведува во соопштението, при што се истакнува дека загриженостите што ги изнела Лајвли „заслужиле да бидат слушнати“.

Судирот меѓу актерите стана јавен кон крајот на 2024 година, кога Лајвли прво поднесе жалба до надлежните институции во Калифорнија, а потоа и официјална тужба. Претходно, во јавноста веќе се појавија гласини за тензии, бидејќи двајцата актери промотивните активности за филмот ги реализираа одвоено.

Од друга страна, Балдони и неговата продукциска куќа Wayfarer Studios возвратија со контратужба против Лајвли и нејзиниот сопруг Рајан Рејнолдс, обвинувајќи ги за клевета и изнуда, но и тој случај беше отфрлен од судот.

Филмот „It Ends With Us“, базиран на романот на Колин Хувер од 2016 година, и покрај поделени критики, постигна значителен комерцијален успех, заработувајќи повеќе од 350 милиони долари на глобално ниво.

Scroll to Top