Правилото 7:1 може да ви го продолжи животот – научниците тврдат дека клучот не е само во часовите сон

Недостатокот на сон со години е еден од најголемите здравствени проблеми кај современиот човек, а најновите истражувања покажуваат дека не е важна само должината на спиењето, туку и неговата редовност. Научниците сега предупредуваат дека едно едноставно правило, познато како „7:1“, може значително да влијае врз здравјето и дури да го продолжи животниот век.

Според податоците на американскиот Department of Health and Human Services, голем дел од возрасните луѓе редовно не спијат доволно, а милиони лица спијат помалку од препорачаните седум часа во текот на ноќта.

Но, експертите велат дека клучот не е само во бројот на часови поминати во кревет. Новите анализи покажуваат дека организмот многу подобро функционира кога спиењето се одвива во приближно ист временски период секој ден.

Правилото 7:1 подразбира човекот да спие околу седум часа и да легнува во рамки на ист едночасовен временски интервал, најмалку пет дена во неделата. Тоа значи дека не мора секоја вечер да легнувате во точно исто време, но разликата не треба да биде поголема од еден час.

Научниците објаснуваат дека ваквата рутина му помага на телото да го одржува стабилен циркадијалниот ритам, што има директно влијание врз обновувањето на организмот, хормоналната рамнотежа и квалитетот на одморот.

Истражување спроведено од Vitality и London School of Economics and Political Science покажало дека луѓето кои имаат конзистентни навики за спиење можат да го продолжат животот и до четири години.

Резултатите покажале и дека редовното легнување во приближно исто време секоја вечер може да го намали ризикот од предвремена смрт за речиси 25 проценти.

Според авторите на студијата, доследноста при спиењето е дури и посилен показател за здравствен ризик отколку самото времетраење на сонот.

Во заклучоците од истражувањето се наведува дека редовното заспивање во рамки на едночасовен интервал може да го намали ризикот од смртност за околу 31 процент, како и да го намали бројот на болнички хоспитализации.

Професорот по невронаука и психологија Метју Вокер од University of California нагласува дека сонот влијае буквално на секој систем во телото.

„Не постои ниту еден органски систем или ментална функција што не се подобрува со добар сон и не се нарушува со лош сон“, објаснува Вокер.

Во последните години сè повеќе се користи терминот „хигиена на спиење“, со кој лекарите ги опишуваат навиките што придонесуваат за подобар и поквалитетен сон.

Експертите советуваат луѓето да се обидат да легнуваат и да се будат во приближно исто време секој ден, дури и за време на викендите, бидејќи токму стабилниот ритам е еден од најважните фактори за долгорочно здравје.

Иако проблемите со сонот денес се широко распространети, научниците велат дека решението може да биде многу поедноставно отколку што изгледа – доволно сон, но и доследност во времето на легнување, може значително да го подобри здравјето и да го продолжи животот.

Scroll to Top