Сер Дејвид Атенборо наполни 100 години: Многумина веруваат дека токму ова е тајната на неговата долговечност

Легендарниот британски природонаучник и телевизиски водител Сер Дејвид Атенборо денес, на 8 мај, го прославува својот 100. роденден – јубилеј што го достигнуваат помалку од 0,03 проценти од светската популација.

Човекот чии документарци со децении ја приближуваат природата до милиони луѓе ширум светот и понатаму е активен, ментално остар и професионално ангажиран, а многумина се прашуваат која е неговата вистинска тајна за долг и здрав живот.

Интересно е што самиот Атенборо не верува во „магична формула“. Во интервју дадено пред неговиот 90. роденден, тој изјави дека причината поради која останал физички и когнитивно здрав додека многу негови врсници се соочуваат со сериозни проблеми не е „посебна доблест“, туку – чиста среќа.

Сепак, научниците сметаат дека зад неговата долговечност стои комбинација од генетика, начин на живот и силна животна цел. Современите истражувања покажуваат дека околу 70 проценти од шансите за долг живот зависат од животните навики, а околу 30 проценти од гените.

Атенборо токму во тоа се издвојува. И на 100 години останува професионално активен, постојано работи на нови проекти и никогаш не криеше дека самата помисла на пензија го плаши. Минатата година, на својот 99. роденден, тој објави нов документарен филм посветен на океаните и природата.

„Откако речиси 100 години живеев на оваа планета, сега разбирам дека најважното место на Земјата не е на копното, туку во морето“, изјави Атенборо во најавата за документарецот.

Научниците сè повеќе потврдуваат дека луѓето кои имаат силна смисла и цел во животот имаат подобри физички и психички резултати и помал ризик од болести. Истражувањата покажуваат дека активниот живот, љубопитноста, социјалните контакти и чувството дека човекот сè уште има мисија, директно влијаат врз долговечноста.

Дополнително, големите светски студии за стогодишници покажуваат дека долговечноста често се пренесува и генетски. Но, научниците предупредуваат дека гените сами по себе не се доволни. Начинот на живот, физичката активност, исхраната и психолошката стабилност играат огромна улога.

Како пример се споменува и најстарата жена во светот, Шпанката Марија Брањас, која живееше 117 години и имаше исклучително „млад“ геном. Освен генетиката, таа водела активен социјален живот, редовно се движела и се придржувала до медитеранска исхрана.

Во последните две децении бројот на луѓе што доживуваат 100 години значително расте и во Европа и во САД, благодарение на подобрата медицина, поквалитетниот животен стил и напредокот во здравствената заштита. Но шансите и понатаму остануваат мали – само околу 0,025 проценти од луѓето стигнуваат до стотиот роденден.

Атенборо, пак, и денес останува симбол на љубопитноста, природата и животната енергија, а неговата приказна за многумина е доказ дека активниот ум, страста кон животот и позитивната смисла можат да бидат подеднакво важни како и добрата генетика.

Scroll to Top