Обама ги урна теориите за НЛО: „Да постоеја вонземјани, некој досега ќе направеше селфи со нив“

Поранешниот американски претседател Barack Obama повторно предизвика бура од реакции со своите коментари за вонземскиот живот, но овојпат многумина останаа разочарани бидејќи понуди прилично „земјено“ објаснување зошто не верува дека американската влада крие вонземјани од јавноста.

Според Обама, причината е едноставна – владата е премногу лоша во чување тајни за да сокрие нешто толку големо.

Целата приказна повторно се актуелизираше по неговото гостување во подкастот на Brian Tyler Cohen, кога на прашањето дали вонземјаните постојат кратко одговори: „Постојат, но јас не сум ги видел“. Изјавата веднаш стана вирална и отвори бројни теории на интернет, по што Обама подоцна мораше да појасни дека зборувал за статистичката веројатност за постоење живот во универзумот, а не за директен контакт со вонземска цивилизација.

Во најновото гостување кај Stephen Colbert во емисијата The Late Show with Stephen Colbert, Обама реши дефинитивно да стави крај на шпекулациите. Со доза хумор порача дека доколку навистина постоеле тајни бази со „мали зелени суштества“, тоа одамна ќе излегло во јавност.

„Една работа што ја учиш кога си претседател е дека владата е ужасна во чување тајни“, изјави Обама, додавајќи дека некој чувар во некоја база одамна би направил селфи со вонземјанин и би го испратил на девојката за да ја импресионира.

Тој нагласи дека информациите во денешно време протекуваат премногу лесно за ваква тајна да остане скриена со децении.

Иако ги разочара љубителите на теориите за НЛО, Обама призна дека се надева оти човештвото не е само во вселената. На шега додаде дека би сакал токму тој да биде првиот дипломат кој ќе воспостави контакт со друга цивилизација, повикувајќи се на своето политичко искуство.

Неговите изјави доаѓаат во период кога актуелниот американски претседател Donald Trump најавува ново објавување документи поврзани со НЛО и неидентификувани воздушни феномени.

Трамп неодамна порача дека администрацијата наскоро ќе објави „многу интересни“ материјали со кои располага Пентагон, а јавноста веќе со нетрпение очекува дали навистина ќе се појават нови докази за мистериозните феномени на небото.

Сепак, скептиците потсетуваат дека и претходните објави на доверливи документи, меѓу кои и оние за атентатите врз John F. Kennedy и Martin Luther King Jr., не донесоа спектакуларни откритија, па многумина веруваат дека и најавените НЛО-досиеја би можеле да завршат со големо разочарување.

Scroll to Top