(ВИДЕО) Рики Мартин направи спектакл во Подгорица, концертот накратко прекинат поради фрлен солзавец

Рики Мартин синоќа настапи пред десетици илјади посетители на Плоштадот на независноста во Подгорица, во рамки на големата прослава по повод 20-годишнината од обновувањето на независноста на Црна Гора. Главниот град на Црна Гора беше претворен во регионален музички центар, а концертот на светската латино ѕвезда привлече огромен број граѓани и гости од регионот.

Според црногорските медиуми, Плоштадот на независноста бил исполнет до последно место, а голем број луѓе концертот го следеле и од околните улици, кафулиња и ресторани.

Пред настапот на Рики Мартин, публиката ја забавуваа домашни музички ѕвезди. Церемонијата ја отвори Тамара Живковиќ со песната „Нова зора“, по што настапија и Милена Вучиќ и Ненад Кнежевиќ Кнез.

Кога Рики Мартин се појави на сцената, беше пречекан со силен аплауз и овации од публиката. Латино ѕвездата веднаш им го честиташе Денот на независноста на присутните и порача дека ги очекува незаборавна вечер.

Концертот започна со неговиот голем хит „Maria“, а веднаш потоа следуваа и песните „She Bangs“ и „Private Emotion“, кои ја кренаа атмосферата меѓу публиката.

Сепак, забавата накратко била прекината откако во близина на концертниот простор бил фрлен солзавец, што предизвикало вознемиреност кај дел од присутните. По брзата реакција на надлежните служби, ситуацијата била ставена под контрола, а концертот продолжил без поголеми проблеми.

И покрај инцидентот, прославата продолжила до доцна во ноќта, а публиката пеела и танцувала заедно со Рики Мартин на најголемите негови хитови. Според најавите, организацијата на спектакуларниот концерт ќе ја чини Црна Гора значителна сума, но властите сметаат дека настанот претставува важна промоција на државата и туризмот.

ВИДЕОТО ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ТУКА

Scroll to Top