Креатинот со години важи за еден од најпопуларните додатоци во фитнес светот, особено кај луѓето кои сакаат поголема сила, подобри перформанси и побрзо закрепнување по тренинг. Но што навистина се случува кога по долг период ќе престанете да го користите?
Јутјуберот Пјер Далати решил да направи експеримент врз сопственото тело, откако цела година секојдневно консумирал по пет грама креатин – количина која често се смета за препорачана дневна доза. Неговото искуство предизвика големо внимание на социјалните мрежи и отвори нова дебата за реалните ефекти од овој додаток.
Според неговото сведоштво, во првите шест месеци забележал значителни физички промени. Тврди дека добил околу два килограми чиста мускулна маса, а дури и кога подоцна го намалил внесот на калории поради слабеење, успеал да ја задржи мускулната структура.
„Резултатите почнав да ги забележувам по две до четири недели, бидејќи тогаш мускулите се заситуваат со креатин“, објаснил Далати.
Тој забележал дека за време на тренинзите можел да направи значително повеќе повторувања.
„Вежба што претходно ја правев осум пати, сега можев да ја повторувам 12 или 13 пати“, рекол тој.
Освен физичките ефекти, Далати тврди дека почувствувал и одредени ментални придобивки. Според него, му се подобриле концентрацијата, фокусот и закрепнувањето по физички напор.
„Почувствував подобар фокус и побрзо закрепнување“, изјавил тој.
Дополнително забележал и визуелни промени кај мускулите.
„Дури и кога не сум во тренинг и не сум ‘напумпан’, мускулите едноставно изгледаат поголеми“, вели тој.
Но по една година решил да направи едномесечна пауза за да види како неговото тело ќе реагира без креатин.
Многумина стравуваат дека престанокот на користење може брзо да доведе до губење на мускулите, но според неговото искуство тоа не се случило.
Наместо драстични промени, постепено почувствувал намалување на силата, побавно закрепнување и губење на таканаречениот „полн изглед“ на мускулите.
„Забележав дека силата малку ми опадна, а и когнитивниот поттик што го чувствував претходно веќе не беше толку изразен, особено кога не бев добро наспан“, објаснил тој.
Исто така, повеќе не можел да го повторува истиот број серии и повторувања како претходно.
Сепак, тој потенцира дека не почувствувал никакви симптоми на зависност или „одвикнување“.
„Бев сосема добро“, рекол тој за периодот без креатин.
Иако неговото искуство е лично и не претставува медицинска студија, експертите нагласуваат дека креатинот останува еден од најистражуваните спортски додатоци. Но ефектите можат да варираат од личност до личност, зависно од исхраната, физичката активност и индивидуалниот метаболизам.






