Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, преку видео разгледница ги претстави современите велосипедски патеки и урбаните содржини во градот, истакнувајќи дека Битола сѐ повеќе го оправдува епитетот „велоград“.
Во објавата, Коњановски посочи дека велосипедските патеки на улиците „Васко Карангелевски“ и „Партизанска“ секојдневно ги користат граѓани од сите генерации, што, според него, е потврда дека вложувањата во модерна и функционална инфраструктура ги даваат посакуваните резултати.
„Уживајте во оваа видео разгледница од модерна Битола. Радува фактот што велосипедските патеки ги користат нашите сограѓани од сите возрасти. Средени, уредени и урбани површини е нашата визија за целиот град“, порача Коњановски.
Тој нагласи дека локалната самоуправа ќе продолжи со реализација на проекти насочени кон подобрување на урбаното живеење и создавање поквалитетна средина за сите граѓани.
„Продолжуваме заедно за поубава Битола“, истакна градоначалникот.






