Бугарија врати над два тона македонско кисело млеко

Бугарските инспекциски служби спречиле увоз на пратка со повеќе од два тона кисело млеко од Македонија, откако при граничната контрола биле утврдени несовпаѓања меѓу придружната документација и ознаките на производите.

Пратката била запрена на граничниот премин Ѓуешево, кој од македонска страна е поврзан со преминот Деве Баир, при редовна контрола спроведена од инспекторите на Бугарската агенција за безбедност на храната.

Во товарот имало вкупно 576 картони, а во секој од нив биле спакувани по 20 пакувања кисело млеко.

Не била издадена дозвола за увоз

При физичката и документациската проверка, инспекторите утврдиле дека информациите наведени во официјалниот сертификат за квалитет не се совпаѓаат со ознаките отпечатени на самите пакувања.

Поради констатираните неправилности, бугарските надлежни служби не издале дозвола за увоз на производите.

Целата пратка уште истиот ден била вратена кај испраќачот од Македонија.

Од Бугарската агенција за безбедност на храната информираат дека граничните контроли се спроведуваат во согласност со регулативите на Европската Унија.

Целта на проверките е да се спречи влез и пласирање на производи кои не ги исполнуваат пропишаните барања и стандарди за безбедност и квалитет на храната.

Scroll to Top